fbpx

Од Јануари 2014 година, Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) заедно со партнерот од Бугарија, Центар за изучување на демократијата (ЦИД), започна со реализација на проектот „Промовирање на доброто владеење и економски права преку зајакнување на капацитетот на Македонското цивилно општество за вршење на мониторинг и справување со сивата економија во Република Македонија”.

ЦЕРИ како организација која има долгогодишна соработка со ЦИКП во нивните проекти во рамките на Пелагонискиот регион спроведе дел од теренското истражување и анкетирање во рамките на овој проект.

На 08.10.2015 во Битола се одржа јавна презентација на резултатите до кои ЦИКП дојде преку ова истражување. Презентацијата ја реализираш  г-нот Емил Шурков кој воедно е координатор на овој проект.

Скриената економија е мултидимензионален феномен чие движење зависи од обемноста на законската регулатива, недостигот на фискална и даночна дисциплина, степенот на сложеност на процедурите за регистрирање на деловни субјекти, поставеноста на пазарот на труд како и од ефикасноста на инспекциските служби и ресурсите со кои располагаат. Имајќи го ова предвид, скриената економија не може прецизно да се измери и да се процени најзиниот удел во севкупната економија на државата, а тоа пак предизвикува сериозни проблеми во планирањето на економските и социјалните политики.

Иако постојат различни начини на мерење на скриената економија (директни и индиректни), тие доведуваат до различни резултати, па оттаму имаме проценки за нејзин удел од 45% од домашниот БДП (според некои странски истражувачи), па се до 30% според проценките на Министерството за економија на РМ. Други домашни истражувања пак уделот на скриената економија во Македонија го пресметуваат на 24% од БДП (ЦЕА, 2012). Сепак, сите проценки индицираат дека скриената економија во Македонија е висока, што ја прави сериозен општествен проблем. Можните негативни резултати вклучуваат социјални тензии, растечка нееднаквост и јаз во приходите, како и корупција и криминални активности.

Големата стапка на невработеност (27,3% К1 2015), големата долгорочна невработеност од над 80% и младинска невработеност (47,6% К1 2015) значи дека невработените се справуваат со прилично тешки услови за влез на пазарот на труд, па оттаму поттикот за учество во неформалната економија е голем. Со цел да се истражат спецификите на македонската економија кои се поврзани со различните форми на скриени активности во текот на месец октомври 2014 година, ЦИКП спроведе теренска анкета на репрезентативен примерок од 1116 испитаници  и 70 бизниси на територијата на Република Македонија.

Анкетата на популацијата укажува на тоа дека 1/3 од вработените со примарно вработување, покрај регуларната плата, добиваат и плата во коверт или дополнителна плата преку договори на дело. Дополнително, 40% од платата на вработените со примарно вработување е делумно или комплетно непријавена. Во однос на образованието, само 44% од вработените кои имаат основно образование имаат договор за вработување, наспроти 81% од оние со средно. Разликата е позначителна ако се земе предвид етничкиот контекст. Помалку од половина од граѓаните (46.7%)  пријавиле дека секогаш добиваат фискални сметки кога пазаруваат намирници.

Анкетата помеѓу стопанствениците укажува дека кај 1/3 од компаниите ‘манипулирање со ДДВ’ и ‘користење на сметководствени трикови со цел плаќање пониски даноци’ се случува во секторите во кои делуваат. Повеќе од 1/2 од работодавците потврдуваат присутност на договори со скриени клаузули во нивниот сектор, а воедно и 1/3 од стопанствениците укажуваат дека до 10% од работниците во нивниот сектор  работат без договор. Но податоците исто така укажувааат и на поттикнувачка бизнис клима – за 42% од бизнисите, моменталниот даночен систем не претставува проблем за развој на нивниот бизнис или претставува незначителен проблем (23%). Дополнително, интервјуираните претставници на стопанството (50%) сметаат дека моменталната висина на даноците е соодветна и стимулативна за развој на нивниот бизнис.

            Индексот на скриена економија кој беше составен со помош на овие податоци и HEMS методологијата (која беше обезбедена од Центарот за изучување на демократијата ЦИД – Бугаријa), укажува дека скриената економија во Македонија не е надвор од веќе воспоставените рамките и досегашните проценки. Проценката на граѓаните (Индекс на скала од 1 до 10 – повисок индекс значи повисока застапеност) за застапеноста на скриената економија (индекс 3,36) е повисока од истата на сопствениците на бизниси и менаџерите (индекс 2,73). Сличен беше случајот со Бугарија во 2003 и 2009 година кои се сметаат за најдобри години на бугарската економија од 2000 до 2010 година. Индексот обезбедува важна додадена вредност за креаторите на јавни политики затоа што им дозволува да ја следат динамиката на скриената економија низ годините и во споредба со други земји и да го проценат ефектот на веќе имплементираните политики.

Графикон 1 – Основа за уплаќање на социјално/пензиско осигурување наспроти податоци од анкетата на ЦИД  за Бугарија (2013), (население)

1

 2

Извор: Анкета на 1116 респонденти (2014) во извештајот Мониторинг на скриената економија во Македонија: трендови и можни политики, 2015.

Најголемиот придонес кон оваа разлика меѓу проценките за степенот на скриена економија искажани од страна на бизнисите и граѓаните се должи на скриените активности во услужната економија и избегнувањето на социјалните придонеси.

Дополнително, над 50% од испитаниците изјавиле дека задолжителното здравствено и социјално осигурување не им обезбедува доволно чувство на сигурност коешто самото по себе е поттик за криење на економски активности и избегнување даноци. Подетални информации ќе бидат презентирани за време на Форумот на јавни политики на 13.10.2015 година.

Податоците презентирани тука како и сите останати кои се вклучени во финалниот “Мониторинг извештај за скриената економија во Македонија: трендови и можни политики” укажуваат дека иако веќе постојат мерки кои веќе се имплементирани или се во фаза на имплементација, потребни се дополнителни напори во евалуација на ефективноста на постоечките политики и мерки и аналитичка поддршка заснована на докази за спроведување на следните мерки. Во прилог се неколку од предложените мерки кои се дел од Мониторинг извештајот.

Препораки

  • Властите во Скопје треба внимателно да ја преиспитаат долгорочната стратегија, бидејќи генерално јавните приходи константно се под нивото на 30% од БДП по 2011 г., што е загрижувачка индикација за капацитетите на државата за подобрување на јавните услуги во иднина. Ова укажува дека нема да се случи драстичен пораст на ефикасноста на пружање на јавни услуги на граѓаните.
  • Македонската Влада треба да ги забрза напорите за сузбивање на скриената економија преку подобра координација и соработка помеѓу клучните министерства и институции, како што се: Министерството за труд и социјална политика, Министерството за финансии, како и Министерството за економија. Дополнително, потребна е поголема инволвираност од Македонското собрание и политичките партии при пронаоѓање долгорочни решенија, бидејќи е очигледно дека проблемот и понатаму ќе опстојува, независно од констелацијата на моќ.
  • Со цел индексот поверодостојно да ги прикаже трендовите и движењата на скриената економија и да се добие  основа на која би можело да се носат проценки за ефикасноста на одредени јавни политики, потребно е истиот континуирано да се повторува на секои 2 години. Надлежните институции во координација со социјалните партнери и други чинители од граѓанскиот сектор можат да го користат истиот со цел носење на јавни политики засновани на докази. Оваа соработка може да се реализира во форма на работна група за скриена економија која е во фаза на дефинирање.
  • Систем за мерење на скриената економија, кој е широко прифатен од страна на креаторите на политиките, стопанските здруженија и граѓанското општество, кој ќе биде сеопфатен, и ќе овозможи темелна, сигурна, валидна, благовремена и осетлива на промени проценка на динамиката, причините, цената и ефектите. Индексите на скриената економија може да послужат како прва итерација за развивање на еден таков систем.
  • Формализирањето на бизнисите, исто така, може да биде долг и комплексен процес кој влијае врз пазарната структура, ги прераспределува пазарните моќи на потрошувачите и субјектите и влијае врз вработувањето. Оттаму, владите треба да ги планираат политиките за справување со сивата економија земајќи ги предвид влијанијата врз процесот и проверувајќи дали сето тоа е фер и транспарентно.
  • Од клучна важност е последователноста на реформите за да се контролира социјалниот трошок на транзитирање од скриена кон формална економија и за спречување на нефер предноста на сопствениците на бизниси кои се блиски со лицата кои ги спроведуваат законите или го контролираат процесот на легализација на деловните субјекти.
  • Примената на прагматични политики за негување на претприемништвото и инвестициите во формалниот сектор кој се базира на дознаки може да придонесе кон отворање на нови работни места и економски растеж и да ја намали скриената економија.
  • Развивање на систем за кофинансирање за ангажирање на невработените со различен степен на поддршка зависно од видот на невработеноста и проектната област (невработеност на младите, долгорочна невработеност, итн.). Долгорочната невработеност веќе се претвори во неповратно губење на способноста да се најде работа за повеќето припадници на оваа група, што налага постојана социјална помош и поддршка од Владата.
  • Подобрување на стапката на успех на програмите наменети за вработување на припадници од ранливите групи (невработени Роми и приматели на социјална помош) преку соработка со надворешни социјални партнери и НВО‐и.
  • Поголема подготвеност за плаќање даноци. Тука може да помогне постојаното намалување на износот и стапките на социјално осигурување со зголемување на бројот на оние кои уплаќаат.
  • Укинување на фирмарината (која оди во општините), која, иако не е висока, создава многу конфузија и фрустрации.
  • Инвестирање во новопредложената даночна администрација без хартија (нов ИКТ систем на УЈП).
  • Јакнење на националните програми на пријавителите и нивно пилотирање во царинската управа. Вакви програми во царината треба да се синхронизираат со ротацискиот систем и случајните проверки, што може да има значителен ефект врз корупцијата и криењето.
  • Државниот инспекторат за труд (ДИТ) треба да помогне да се развие систем за известување кој е компатибилен со главните системи и софтвер за управување со податоци.
  • Финансиската полиција (ФП) треба да го користи истиот систем за управување со податоци како и ДИТ и да има размена на податоци со Управата за јавни приходи (УЈП).

Share.

Comments are closed.